Во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права 10 декември Народниот правобранител го презентираше „Истражувањето за вклученоста на децата и на младите со посебни потреби во средното образование“, изготвено во соработка со невладината организација „Отворете ги портите“, а финансиски поддржано од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
„Шест години по ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, за жал работите тапкаат во место, што алармира на потребата од промени во пристапот кон решавање на проблемите поврзани со ова прашање. Па, наместо да прашаме: „Што не е во ред со лицата со попреченост“ треба да се запрашаме: „Што треба да се промени во општеството за лицата со попреченост да ги уживаат сите човекови права“? Иако од перспектива на Народниот правобранител попреченоста не претставува пречка за остварување на кое било право, сепак во многу сфери не се видливи значителни промени за децата и лицата со попреченост, кои би го подобриле нивниот живот, местото во општеството, но и односот кон лицата со попреченост“
Ова, меѓу другото, го рече народниот правобранител г.Иџет Мемети во својот поздравен говор.
Тој потенцираше дека Народниот правобранител како национална институција за човекови права ќе продолжи со заложбите за подобрување на состојбите и остварување на правата на лицата со попреченост, во сите сфери од општественото живеење.
Презетирајќи го истражувањето заменик- народниот правобранител г-ѓа Васка Бајрамовска-Мустафа истакна дека е потребнo редовното образование да се утврди како прва опција за децата со попреченост, а не исклучок.
„Да се воспостави механизам за системско идентификување, евидентирање и следење на учениците со попреченост во редовното образование, и поддршката во образованието да се прилагоди кон утврдените способности и потреби на децата и младите со попреченост, како и целосна физичка пристапност на училишните објекти, согласно меѓународните стандарди (вклучувајќи го и внатрешниот простор) , како и соодветна опременост на училиштата за инклузивна настава, (да се воспостават стандарди за пристапност на училишните објекти, опрема и наставниот процес воопшто)“ рече Бајрамовска-Мустафа.
Инаку, на презентацијата присуствуваа министерката за образование и наука г-ѓа Рената Дескоска, заменик претставникот на канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје г-ѓа Елспет Ериксон, како и претставнци на невладини организации и родители на деца со посебни потреби.