Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе постапува по кривичната пријава во врска со снимањето на играната серија „Македонија“.
До ОЈО денеска од страна на Управата за финансиска полиција била поднесена кривична пријава против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување.
Од обвинителството информираат дека лицето како раководен субјект на Агенцијата за филм во периодот од октомври 2016 година до септември оваа година, искористувајќи ја својата службена положба и пречекорувајќи ги границите на своето службено овластување го оштетило Буџетот на Република Македонија за износ од 68.000.000,оо денари. Имено, при постапката за финансирање на Проектот – играна серија „Македонија‘‘, осомниченото лице овозможило Друштвото за филмска и видео продукција „Јадран Филм“ ДООЕЛ Скопје да се стекне со противправна имотна корист во погоре наведениот износ, а на штета на Буџетот на Република Македонија.
ОЈО по известување од Управата за финансиска полиција, минатиот месец отвори предистражна постапка, денешната кривична пријава е земена во работа и по истата се постапува.
Од обвинителството велат дека за понатамошниот тек на истрагата јавноста континуирано ќе биде известувана.