Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Република Естонија, каде ќе оствари средба со Министерот за надворешни работи на Естонија, Свен Миксер, со кого ќе разговара за приоритетите на естонското претседателство со Советот на Европската Унија до крајот на годината, политиката на проширување како и за евроинтегративниот процес на Република Македонија.
За време на работната посета Османи ќе оствари и средби со Клен Јарац, директор на канцеларијата за европски прашања при Владата на Република Естонија, со Томас Витсут, претседател на Комисијата за европски прашања при естонскиот парламент, како и со Ерик Нилс Крос, претседател на парламентарната група помеѓу Република Македонија и Република Естонија.
Тема на овие разговори ќе бидат билатералната соработка, регионалната соработка, проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан како и унапредување на меѓусебните односи на Република Македонија и Република Естонија.
По завршувањето на посетата на Република Естонија, Вицепремиерот Османи ќе отпатува во Брисел, и ќе се приклучи на делегацијата предводена од Премиерот Зоран Заев, каде ќе остварат бројни средби со високи претставници на Европската Унија.