Екипата на МЗТ Скопје Аеродром запиша уште еден пораз, шести по ред во регионалната кошаркарска АБА лига. Вечерва „штрковите“ загубија на гостувањето кај Цедевита со 77-65.
Решавачката разлика домаќините ја направија во финишот на првата четвртина (20:3) за позитива од 16 поени (24-8). Тоа како да ги освести „сино-белите“ кои заиграа подобро, па намалија на само минус четири (33-37) пред крајот на првото полувреме. Но, потоа му дозволија на ривалот одново да се размавне и со седум поени во низа да дојде до 44-33 на крајот од периодот, а потоа и до највисоки плус 17 (55-38).
Огромната негатива пак делуваше „отрезнувачки“ за избраниците на тренерот Александар Тодоров, кој пак силно возвратија, овој пат со серија 17-5 за минус пет (55-60). Но, тоа како да им ја одзеде целата сила па Цедевита одново поведе со двоцифрена разлика, која ја сочува до самиот крај.
Никола Павличевиќ средбата ја заврши со 18 поени и шест асистенции, Ѓорѓе Спасојевиќ додаде 14 поени.
Следната недела екипата на МЗТ Скопје дома го игра можеби најважниот меч досега во борбата за опстанок во АБА-лигата, дома против Морнар.
МЗТ е последен на табелата со две победи и осум порази.