Компанијата „Трансмет“, сопственост на бизнисменот и осномничен од СЈО, Сеад Кочан, треба да ѝ плаќа на Општина Ѓорче Петров казна за недовршената општинска зграда, дознава „Макфакс“. „Трансмет“ со договор беше обврзана да ја заврши градбата во паркот во Ѓорче до средината на 2016 година со тоа да изгради објект од 15.000 квадратни метри, од кои 3.600 се наменети за општината.
Минатата година Општината Ѓорче Петров извести дека го продолжила рокот за градба до јануари 2017 година. „Трансмет“ не го испочитува ниту овој договор бидејќи објектот во централниот парк во Ѓорче сè уште не е довршен. Според договорот, „Трансмет“ треба да плаќа пенали кон општината, со оглед на неисполнетите обврски.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ за тоа дали е активирана банкарската гаранција. Наумовски не го даде на увид ниту договорот кој претходниот градоначалник го склучил со „Трансмет“.
Сметките на компанијата „Трансмет“ се блокирани од мај оваа година, кога Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Труст“.
Жителите на Ѓорче Петров се жалат дека паркот е претворен во градилиште веќе четврта година. Многумина беа против оваа градба уште во перидот кога Општината го донесе планот бидејќи сметаа дека не треба да се наоѓа во паркот.