Грчката проблематична владејачка коалиција се соочува со уште повеќе превирања откако помалиот партнер Демократската левица исклучи двајца пратеници затоа што ја поддржаа опозициската Сириза во барањето да се испитаат и Евангелос Венизелос и Јоргос Папаконстантину во врска со „Лагард листата“, јави дописникот на МИА од Атина.
Во писмо до претседателот на Парламентот Евангелос Мимаракис, лидерот на Демократска левица Фотис Кувелис вели дека двајцата пратеници, Одисеј Вудурис и Парис Муцинас „во неколку наврати заскитале од партиската линија“. Вудурис и Муцинас вчера го поддржаа ставот на Сириза за „Лагард листата“.
Сириза синоќа поднесе барање до Парламентот да се спроведе истрага за Венизелос и Папаконстантину за кривични пријави и додаде дека поранешниот премиер Јоргос Папандреу и актуелниот премиер Андонис Самарас, треба да поднесат различни нивоа на политичка одговорност за аферата.
Потегот на Кувелис, во меѓувреме, ја остави коалицијата со 164 пратеници. Извори блиски до Самарас за „Катимерини“ изјавиле дека не се загрижени оти намаленото мнозинство може да има влијание врз двете тајни гласања закажани за следниот понеделник или вторник – едно за предлогот на коалицијата за формирање комисија која ќе го испита Папаконстантину, а другото за предлогот на Сириза да се испитаат и Папаконстантину и Венизелос.
Сепак, факт е дека гласањата се тајни и може да се случи некои скептични пратеници да го поддржат предлогот на Сириза да се испита и лидерот на ПАСОК.
Во зависност од резултатите од гласањата, комисијата или комисиите, од која секоја ќе има по 12 или 13 пратеници – ќе се формираат и ќе имаат од 30 до 40 дена за испитување на министерот или министрите. Потоа Парламентот ќе гласа дали да се поведе постапка за импичмент на едниот или двајцата поранешни министри поради злоупотреба на должноста.
Обвинителите кои ја испитуваат аферата со „Лагард листата“ во среда ќе ги слушнат образложенијата на трите роднини на Папаконстантину, чии имиња биле отстранети од оригиналниот список, поради што владејачката коалиција побара парламентарна истрага за неговите постапки.