Утре во Собранието на Република Македонија започнува расправата за предлог-буџетот за 2018 година. Буџетот прво ќе се расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет, каде според деловникот расправата трае 10 работни дена.
Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација 1,7 проценти.
Вкупните приходи за 2018 година се планираат на ниво од 193.512 милиони денари, а расходите се планирани на ниво од 211.745 милиони денари, односно 3,4 милијарди евра. Вака планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,7 проценти од БДП или 18.233 милиони денари во апсолутен износ. Ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.
По предложениот текст има поднесено вкупно 239 амандмани.