Собранието на Република Македонија денеска ќе гласа за изборот на нов јавен обвинител. Владата на 7 ноември предложи за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.
Претходно, на огласот распишан од владата се пријавија 23 кандидати, а Советот на јавни обвинители достави обрзложено мислење во писмена форма за сите пријавните што ги исполнуваат условите.
Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции.
Јовески во 1979 година станува приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.
Новиот јавен обвинител се именува со просто мнозинство од 61 глас во Собранието и тој има мандат од шест години со право на повторно именување.
Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.
Освен изборот на нов јавен обвинител, на денешниот дневен ред на Собранието се и измените на Законот за заштита на сведоци, побаран од Специјалното јавно обвинителство. Со овој закон ќе му се овозможи на обвинителството да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките под нивна надлежност.
Исто така, ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престок на важењето на Законот за утврдување факти и поведување постапка за утврдување одговорност на судија, за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, за здравственото осигурување, ќе се расправа и за Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување, како и за измените на Законот за акцизи, сите по скратена постапка.