По јавното соопштение на Градскиот ракометен клуб „Борец“ од Велес во кое играчите си ги бараат своите плати и прашуваат за иднината на клубот, воедно најавија дека ако не им се реши проблемот нема да одат на тренинзи и на наредните натпревари, со свој став се обрати градоначалникот Аце Коцевски.
– Свесен сум за настанатата ситуација и проблемите со кои се соочуваат сите во клубот. Токму затоа веќе започнавме со правна процедура за итно решавање на состојбите во интерес на спортистите и останатите лица во клубот, вели Коцевски.
Тој истакна дека со членови на Советот на Општина Велес ќе побараат свикување на вонредно собрание на акционерското друштво, за преземање на итни активности за формирање на органите на акционерското друштво.
Најави и дека на наредната седница на Советот на Општина Велес ќе се донесат сите клучни одлуки кои ќе ја одблокираат работата на клубот во правен контекст.
– Ние и понатаму ќе продолжиме да ја поддржуваме работата на клубот за што веќе се обезбедени средства на наредната година во висина од 1,5 милиони денари, најави градоначалникот Коцевски.
Општина Велес досега беше генерален спонзор на клубот.