Средба Џафери-Дезир: Неопходно е обезбедување на стабилни финансии за МРТ за да се обезбеди професионализам

Од:

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир.

Џафери изрази задоволство од повторната средба со Дезир, овојпат во својство на претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите. Тој нагласи дека Собранието на Република Македонија ги поддржува активностите и мисиите на ОБСЕ во регионот и редовно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ и потсети дека токму Собранието беше домаќин на Есенската сесија на ПС на ОБСЕ во октомври минатата година, кога се дискутираше за зајакнување на мерките за градење доверба и доброто владеење во регионот на ОБСЕ.

Претседателот на Собранието нагласи дека отвореноста и транспарентноста на Собранието на Република Македонија кон медиумите, кон невладиниот сектор и кон граѓаните, е целосно унапредена во однос на претходниот период и го информираше дека голем број на невладини организации ги одржуваат своите настани во законодавниот дом. Покрај тоа, агендата на претседателот е достапна на интернет-страницата на Собранието, а граѓаните можат по електронски пат да се пријават за присуство на седниците или да постават прашања до пратениците.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дезир, изрази задоволство од позитивните промени и напредокот во Република Македонија од неговата последна посета на земјата. Според него, во време кога слободата на медиумите е сè повеќе под притисок во регионот на ОБСЕ, особено е значајна функцијата на парламентите во донесување на соодветно законодавство за заштита и безбедност на новинарите. Господин Дезир информираше за средбите со невладините организации и претставниците на јавниот радиодифузен сервис и оцени дека е неопходно обезбедување на стабилни финансии за МРТ, со цел да се обезбеди професионализам, независна уредувачка политика и квалитетна програма. Тој нагласи дека во ерата на интернет медиуми и лажни вести, значајно е да се има силен и неутрален јавен радиодифузен сервис.

Претседателот на Собранието го информираше за процесот на проектирање, изготвување и донесување на буџетот на Република Македонија, како и за процесот на јавни набавки и констатираше дека буџетските корисници треба да имаат слобода да располагаат со средствата за покривање на потребите, а регулативата треба да биде прецизна, јасна и едноставна.

На средбата стана збор и за настаните на 27 април 2017 година, во кои цел на напади покрај пратениците, беа и новинарите. Беше истакнато дека е неопходно инцидентите да бидат целосно истражувани, а сторителите соодветно казнети.

Соговорниците разговараа и за реформата во медиумскиот сектор, а особено за измената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се вградени забелешките на ОБСЕ, медиумската заедница и експертската јавност и се согласија дека успехот на реформата не зависи само од успешното донесување на закони, туку и од целосното спроведување на законите, како и контрола на имплементацијата.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште