Палестинската управа официјално го промени своето име во држава Палестина врз основа на декретот донесен од палестинскиот претседател Махмуд Абас. Промената на името е одраз на неодамнешното унапредување на палестинскиот статус во Обединетите нации, јавуваат израелските медиуми.
Генералното собрание на Обединетите нации на 29 ноември со големо мнозинство ја усвои резолуцијата, со која палестинскиот статус од набљудувач е унапреден во држава нечленка набљудувач, со што, де факто, е призната палестинската државност. Во декември во ОН палестинските власти почнаа да се означуваат како претставници на државата Палестина.
Палестинската управа е формирана во 1994 година врз основа на привремената спогодба за мир меѓу Израел и Палестинската ослободителна организација, потпишана во Белата куќа во септември 1993 година.