Американскиот претседател Доналд Трамп бил принуден поради лоши временски услови да ја откаже посетата на демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја, јави Би-Би-Си.
– Хеликоптерот на Трамп полета од американската воена база Јонгсан во Сеул, но потоа се врати назад, соопштија американски официјални лица.
Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс денеска изјави дека посетата била откажана поради магла и затоа претседателот на САД бил „фрустриран и многу разочаран“. Тој допатува во дводневна посета на Јужна Кореја во рамки на неговата азиска турнеја.
Според планираната агенда, Трамп во демилитаризираната зона требало да му се придружи на јужнокорејскиот колега Мун Џае-ин, кој веќе бил пристигнат во областа.
Во минатото некои американски претседатели и официјални претставници за време на своите патувања ја посетувале оваа област.