Мнозинство жители на Исланд не сакаат нивната држава да влезе во Европската Унија, се наведува во резултати од анкета.
Според вчерашната анкета на Галуп, 59,8 отсто Исланѓани не сакаат нивната држава да стане дел од ЕУ. Повеќето државјани се и против нови пристапни преговори со ЕУ, како и против преминување од националната валута на еврото.
Нови преговори со ЕУ отфрлаат 55,5 отсто жители на Исланд. Во врска со еврото, против европската валута се 52,3 отсто анкетирани.
Во јули 2009 година, тогашната исландкска влада по економската криза која ја погоди државата во 2008 година, поднесе кандидатура за членство во ЕУ. Од тогаш, па досега, при секоја анкета спроведена на Исланд, мнозинството граѓани се изјаснувале против членство во ЕУ.