Водоснабдувањето во Прилеп е нарушено, но не е критично

Од:

Водоснабдувањето во Прилеп е нарушено поради крајно малата дарежливост на изворот Студенчица, од кој главно со вода за пиење се снабдува градот, констатираа градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски и директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ Сашо Николоски на денешната средба со новинарите.

Според Јованоски, кој нагласува дека ова прашање му е приоритет, ниското ниво на дарежливоста на Студенчица не се памети со децении и е горлив проблем за моменталната состојба во градот.

– Последниве две-три недели драстично е намалено водоснабдувањето во градот и тоа го почувствуваа сите граѓани. И тоа поради изворот Студенчица чија дарежливост, според директорот на ЈП „Студенчица“ со кого се сретнав, е на најниско ниво и во моментов е 510 литри вода во секунда. Тоа е најмала дарежливост на изворот од постоењето на системот од 70-ите години на минатиот век. Се ќе направиме овој проблем да се решава, рече Јованоски.

Директорот на ЈКП „Водовод и канализација“ вели дека во работните денови се одржува релативно нормално водоснабдувањето, но голем е проблемот во викендите.

– Во моментов градот од Студенчица добива 80 литри вода во секундаи со сопствените извори, градот денеска има на располагање 240 литри вода во секунда со што успеваме да извршиме нормално водоснабдување. Проблемот настанува во викенди кога на располагање од Студенчица има има помалку вода, од 40 до 70 литри во секунда, а потребите на граѓаните се поголеми и потрошувачката на вода е од 360 до 400 литри во секунда. Во ваква ситуација ги активираме и ги подготвуваме сите бунари, ја подготвуваме за употреба и препумпната станица за високата зона во градот. Сето тоа ќе биде за ублажување на состојбата и не може да говориме за целосно нормализирање на водоснабдувањето, вели Николоски.

На прашањето каква е распределбата на водата од Регионалниот водовод „Студенчица“ од кој се водоснабдуваат пет општини, Николоски вели дека според договорот треба 30 отсто од расположивата вода да стигнува за Прилеп, а во моментов е олеснување зашто ТЕЦ „Осломеј“ не е во функција кој влече 150 литри во секунда.

– Според информациите ТЕЦ „Осломеј“ во моментов не работи што е голема погодност во целата ситуација. Но согласноста 30 отсто од водата да стигнува за Прилеп е од постар датум и се мисли на старата територијална распределба, но со добро менаџирање на регионалниот водовод Прилеп може од овие 510 литри во секунда да добива барем 120. Ако е така, водоснабдувањето би било доволно нормализирано. Но во моментов Прилеп има помалку вода на располагање, вели Николоски.

Во ваква ситуација, Николоски објаснува дека се прави одредена редукција.

– Тоа е мала редукција со намален доток од час до два во населбата „Рид“ за да добие високата зона во населбата „Тризла“. Но во викендот, особено во недела кога потребите на граѓаните се поголеми, а дотокот на вода уште повеќе намален, проблемот е поизразен. Ситуацијата во моментот е алармантна и се најмногу ќе зависи од временската ситуација, зашто освен сопствените извори и бунари, други количества вода Прилеп нема на располагање. Има нарушено водоснабдување, но не големи кризи, вели Николоски.

На прашањето дали ќе има големи редукции на вода во Прилеп, Николоски вели дека засега не се во опција.

– Во одредени делови на градот има намален доток на вода по неколку часа, за сметка на другите делови во градот, но за целосна родукција не станува збор. Апелот до граѓаните е да внимаваат со потрошувачката, а граѓаните во оние критични високи делови од градот да имаат акумулирано вода, објаснува Николоски.

Што се однесува до цената на водата, од ЈКП „Водовод и канализација“ објаснуваат дека тоа го одредува Регулаторна комисија.

– Комисијата одредува опсег од минимална до максимална цена на водата, а градскиот совет одлучува за висината. Инаку со почетокот на 2018 година почнува фактурирање на цената на водата според новиот закон, според цена од Регулаторна комисија, вели Николоски.

Според Николоски нема проблем со квалитетот на водата за пиење, а градоначалникот Илија Јованоски објаснува дека единствен начин за подобрување на состојбата со водоснабдувањето во Прилеп е поправилна распределба на водата од Студенчица.

– Правилната распределба на водата од Студенчица и ставањето во функција на сите ресурси на градот во моментов е решение за нормализирање на ситуацијата со водоснабдувањето во градот. ќе се заложам максимално за да има правина распределба на водата. се сретнав со директорот на ЈП „Студенчица“ кој рече дека има можност да се зголеми протокот на вода за Прилеп. Еве денес малку ситуацијата е подобра. Со максимални напори и со ЈКП „Водовод и канализација“ треба да опстоиме и да ги поминеме овие критични денови и зимата, вели Јованоски.

Би можело да ве интересира

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

Во Прилеп денеска е ден на жалост поради трагичната смрт на трите медицински лица

Катерина Ѓуровски

Двајца лекари и ренген-технчар се жртвите во тешката сообраќајна несреќа кај Прилеп

Четворица повредени во сообраќајка во Прилеп

Еден тешко повреден во судар на автомобил и мопед во Прилеп

Две деца од Прилеп здобиле изгореници откако пламнал пожар во нивната куќа

Горан Наумовски