Ширум Австралија беснеат пожари поради рекордно високите температури – и до 48 степени целзиусови и силните ветрови, а најзагрозена е островската држава Тасманија.
Се стравува дека таму има жртви, а уништени се десетици куќи.
“Бризбејн тајмс” пишува дека во пожарот изгореле најмалку 80 куќи и продавници, како и едно основно училиште, а се стравува дека еден човек загинал во пожар што го зафатил градот Даналеј, на помалку од 80 километри од главниот град на Тасманија, Хобарт.
Стотици луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови, додека огнената стихија продолжува да се шири на полуостровот Тасман, во јужниот дел на островската држава, во близина на Хобарт.
Многу луѓе нашле засолниште на плажите и во плитките води на Заливот Бумер, додека пожарот им се заканува и на другите градови.
Директорот на противпожарната служба во Тасманија Ендрју Макгинис изјави дека жителите “треба да се подготват за најлошото”, додека околу 100 екипи се борат да ги изгаснат 25 пожари ширум островот, каде што се забележани рекордни 42 степени целзиусови.
Во Нов Јужен Велс, каде пламтат околу 20 пожари, градот Грин Поинт е отсечен, бидејќи се затворени патиштата во регионот, но куќите не се загрозени, јавуваат австралиските медиуми.
Во Јужна Австралија пожарите се закануваат на имотите на полуостровот јужно од градот Аделаид, додека најтопло место е градот Вудина, каде што температурата достигна речиси 48 степени целзиусови.
Во државата Викторија има околу 30 пожари, а огнената стихија уништи повеќе од 1.200 хектари во националниот парк североисточно од Портланд, додека во градот Сејл веќе втор ден е над 44 степени.
Се очекува дека топлотниот бран ќе трае и следната недела.
Во пожарите кои избувнаа во 2009 година. во државата Викторија страдаа 173 луѓе.