За четири проценти е зголемен бројот на констатирани случаи на повредени човекови слободи и права во Извештајот на Народниот правобранител за 2016 година за кој денеска се расправаше на продолжението на шестата седница на Собранието на Република Македонија, но не беа утврдени предложените мерки за спроведување на препораките. Од вкупно 43 пратеници кои гласаа, „за“ утврдување на мерките се изјаснија 37, еден беше „воздржан“, а петмина беа „против“.
Според народниот правобранител Иџет Мемети, во Извештајот за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за минатата година, не се констатирани позитивни промени, туку стагнација, а во некои области и назадувања што се потврдува со зголемениот број на повредени нарушувањата на човековите слободи и права за четири проценти.
– Констатиравме рекордно, како ниту една друга година, 1.523 индивидуални повреди на човековите слободи и права, а од нив во 1.354 случаи беа прифатени нашите интервенции, што, за жал, не е случај со препораките за констатираните слабости за општите состојби за кои изготвивме бројни извештаи и препораки, рече Мемети.
Имавме, појасни, и се уште имаме крајно исполитизирани и непрофесионални институции, а некои од нив поради крајната партизација беа ставени во функциоја напартијата.
– Полициско, непрофесионално и брутално постапување, прекумерна употреба на сила на затвоорската полиција кон осудени лица и отсуство на здравствена заштита во казнено-управниците установи, недостатоци на пензискиот систем со штетни последици по осигурениците, необезбедени средства за исплата на права од социјална помош, повреда на право на вработување на лица со попреченост, незаконско депортирање бегалци, противзаконско утвтрдување на наплата на РТВ такса, вода и други комуналии, противуставно оданочување на граѓаните, како и непрофесионалност во изборните органи, наведе Мемети, забележеувајќи дека меѓу останатото, во 2016 година продолжила неказнивоста на полициските службеници, како и декларативното подобрување на условите во затворите.
При активното следење на изборниот процес, според Мемети, е констатирано дека изборните органи како и сите други надлежни органи потфрлиле во очекувањата на граѓаните дека нема да бидат повредени нивните избирачки права.
– И натаму имаме проблематичен Избирачки список. Потребни се итни измени на Изборниот законик, со кој на граѓаните ќе им се овозможи право на глас загарантирано со Уставот, а дали ќе можат да го остварат тоа право тоа може да биде поврзано со документот за идентификација, рече Мемети, кој реагираше и на тоа што на седницата немало присутни членови на Владата.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека нема голема ефективност од извештаите кои Народниот правобранител ги доставува до Собранието, во кои, како што рече, се повторуваат истите проблеми. Тоа не значи дека вие не си ја вршите работата во подготовката на извештаите, но говори дека сите заедно како институции не си ја вршиме работата да ги подобриме работите во општеството, рече Димовски, апелирајќи да се најде начин Собранието да се вклучи во одделни случаи преку постојаната Анкетна комисија за човекови права.
На седницата без расправа беше усвоен и Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2016 година. Во тек е расправа по Предлог извештајот за работата на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во минатата година.