Наставничкиот пленум реагираше преку писмено соопштение по повод најавените 5% зголемување на платите објавени во Предлог-буџетот за 2018 г.
Реакцијата ја објавуваме интегрално.
„Наставничкиот пленум го изразува своето незадоволство во врска со најавите за зголемување на платите на просветните работници за 5 %, кои би требало да се случат од септември, 2018 година, како што објави Министерот за финансии во презентацијата на Предлог-буџетот за 2018 г.
Платите на просветните работници во Р Македонија се едни од најниските во регионот. Дополнително, наставниците не добиваат надоместоци за својата прекувремена работа која не ретко се одвива и за време на викенд, па оттука највеното зголемување за 5 % ниту ќе придонесе за поголема мотивираност на наставниците а со тоа и подобрување на квалитетот на наставниот процес ниту суштински ќе го подобри животниот стандард на таргетираните.
Во продолжение, би сакале да напоменеме и дека, за разлика од привилегираните административци кои добиваат месечен надомест за патни трошоци, голем дел од нив астрономски суми, овие трошоци од 2010 година се вкалкулирани во бруто платата на просветните работници, а со тоа наставниците (особено оние кои поминуваат повеќе километри до своето работно место) се дискриминирани во поглед на реалните примања.
Наставничкиот пленум очекува соодветен третман од страна на Владата при распределбата на средствата од буџетот и реално зголемување на платите во овој сектор, како и објаснување зошто не се спроведуваат членовите 35, 36 и 37 од Колективниот договор потпишан на 2 декември, 2008 и изменетиот договор од 28 ноември, 2009 г. Доколку буџетот е празен, советуваме мерките за штедење да се остварат преку редукција на гломазната администрација во сектори каде реално нема потреба од толкав број административци, а не преку грбот на секторот образование каде училиштата сѐ уште сe соочуваат со недостаток на стручни кадри: педагози, психолози, дефектолози и други стручни лица. Во спротивно, оваа најава ќе ја сметаме за навредлива и популистичка мерка на Владата на РМ со која се обидува да се дотолчи и онака прегазеното достоинство на просветните работници во земјава.
Во знак на солидарност, доколку во Буџетот нема средства за соодветно вреднување на трудот на наставниците, НП се откажува од покачувањето од 5% и предлага тие средства да се насочат кон реални социјални програми, но истовремено бара и другите корисници на буџетските средства да го следат нашиот пример. На тој начин сакаме да му помогнеме на Министерството за финансии да го надмине односот – за некои мајка, за некои маќеа.
Со почит,
Наставнички пленум“