Тенденцијата на младите да се врботуваат во јавниот сектор е опасен и негативен момент во нашето општество и е посебно изразен кај етничките заедници под 20 проценти, изјави Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенција за остварување на правата на заедниците.
– Потребни се системски решенија и решавање на овие проблеми. Мерките за самовработување треба дополнително да се промовираат кај заедниците под 20 проценти од повеќе причини, но и да се најдат механизми да се мотивираат и вклучат припадниците на истите заедници, изјави Хоџиќ на форумот „Мерки за поттикнување претприемништво кај немнозинските етнички групи“, во организација на фондацијата „Претприемачки сервис за млади“ и Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Посочи дека сите проблеми кои македонското општество ги има се мултиплицирани кај припадниците на заедниците и така во сите сфери.
– Поголем дел од младите размислуваат да се иселат. Тоа е голем проблем што го таргетира македонското општество, но е дополнително мултиплициран проблем кај припадниците на заедниците, изјави Хоџиќ.
Во рамки на проектот е спроведена мултиетничка истражувачка студија за младинско претприемништво, со која се опфатени 115 млади претприемачи на возраст до 35 години.
Истражувањето покажува дека 61,2 проценти од испитаниците имале искуство со соработка со претприемачи од етничка заедница различна од таа од која тие потекнуваат, а 95 проценти од нив тоа искуство го оценуваат како позитивно. Истражувањето покажува изедначеност на ставовите за меѓусебна доверба при воспоставувањето бизнис партнерство, како и за краткорочна парична позајмица.
Според Александар Филиповски од „Претприемачки сервис за млади“, најчести проблеми кај претприемачите од немнозинските етнички групи се пристапот до ресурси и тоа што нивните прозводи или услуги се наменети за исти или слична културолошка група.
– Поради културолошките традиционални карактеристики на овој тип претприемачи постои недоволна искористеност на традиционалните и алтернативни извори за финансирање. Тие најчесто се одлучуваат за бизнис во индустрии со лесен пристап на пазарот. Најчесто се семејни бизниси со вработени од иста етничка група, изјави Филиповски.
Посочи дека истражувањето покажува потреба од финансиска поддршка во вид на грантови и кредити за овие бизниси, бизнис поддршка и тренинг преку специјални програми за градење капацитети и вмрежување преку мержи од ментори и консултанти.