Шпанскиот Врховен суд попледнево на барање на Јавното обвинителство, издаде „европска потреница“ за апсење на разрешениот претседател на регионалната Влада на Каталонија, Карлес Пуџдемон, јави весникот „Вангардија“.
Засега нема официјална потврда од Судот за ваквата инфромација.
Обвинителството денеска побара да биде издадена меѓународна потерница по Пуџдемон, откако тој не се појави на закажаното сослушување пред Врховниот суд.
Претходно, претседателот на Врховниот суд на Шпанија, Карлос Лесмес изјави дека, ако Пуџдемон не се појави пред Судот, нормалната процедура би била да се издаде налог за апсење
– Кога некој не се појавува, а судијата го повикува, во Шпанија или во која било друга земја на ЕУ, нормално е да се издаде налог за апсење, потенцира Лесмес.
Вкупно 20 каталонски политичари – Пуџдемон, 13 министри во неговата разрешена влада и шестмина членови на регионалниот Парламент, денеска беа повикани да се јават пред суд под обвинение за бунт и антидржавни активности.
Од сите нив, само Пуџдемон и четворица министри, кои се наоѓаат во Белгија, не се појават пред Судот во Мадрид.
Врховниот суд им одреди притвор на осуммина членови на разрешената Влада, додека поранешниот министер Санти Вила, кој поднесе оставка пред едностраното прогласување независност на Каталонија, е ослободен со кауција од 50.000 евра.
Продолжението на денешното сослушување на обвинетите, на барање на нивните адвокати, Врховниот суд го закажа за 9 ноември.