Рибарството и аквакултурата годинава ќе добијат финансиска поддршка од 90 милиони денари. Според усвоената програма на вчерашната владина седница, ова е највисока финансиска годишна поддршка во оваа област.
– Со ова упатуваме јасна порака за нашата доследност во делот на земјоделството, но истовремено и порака за сите инволвирани страни во рибарството и аквакултурата дека оваа област ќе продолжиме да ја поддржуваме со уште посилно темпо, рече заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Демир Хисар, каде оствари средба со претставници на групацијата на рибопроизводители при Стопанската комора на Македонија и здружението на рибопроизводители Аквафортис.
На денешната средба со новинарите беше истакнато дека во 2006 година не биле издвојувани средства за поддршка на рибарството и аквакултурата, во 2009 година државата вложила 43 милиони денари, во 2010 и 2011 година финансиските средства за развој на рибарството и аквакултурата изнесуваа околу 64 милиони денари, а во 2012 година 75 милиони денари. – Ако во 2006 година биле евидентирани околу 400 тони произведена риба, сега се евидентирани повеќе од 1.600 тони произведена риба во Република Македонија, рече Коњановски.