Најголем дел од етикетите на прехранбените производи во Македонија ги имаат основните информации за содржината и квалитетот, покажува истражувањето што го спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Според истражувањето, отстапување има во однос на немањето нутритивни табели за хранливата вредност (26 проценти), во однос на немањето декларации на македонски јазик (9 отсто), и во однос на податоци кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда (18 отсто).
– Истражувањето покажа дека само мал процент од етикетите имаат отстапувања што е потврда дека сите чинители во системот за безбедност на храната се сериозно ангажирани, истакна директорот на АХВ Зоран Атанасов на презентацијата на резултатите.
Според него, податоците од етикетите на производите се во суштина означување на храната, а тоа е законска обврска на секој оператор, почнувајќи од производителите, трговците, увозниците и дистрибутерите.
– Овие прописи во Македонија се усогласени со прописите на ЕУ и претставуваат значајна информација за потрошувачите врз основа на која тие можат да направат вистински избор на храната, согласно сопствените потреби, подвлече Атанасов.
Со истражувањето на АХВ беа опфатени 120 примероци по случаен избор од големите маркети, различни по вид и производител. Вклучени беа шест групи производи, житарки, преработки на овошје и зеленчук, месо, месни производи и риба, млеко и млечни производи, напитоци, масло, сол и зачини.