Македонскиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски и Италијанката Марчела Орсати Таламан, која важи за една од најдобрите светски сопрани од поновата генерација, се годинашни гости на традиционалниот Божиќен концерт на Камерниот оркестар „Скопски солисти“ што ќе се одржи на 8 јануари во Универзалната сала со почеток во 20 часот.
Како што изјави на денешната прес-конференција Васил Атанасов, уметнички раководител на ансамблот, на програмата на ова 12-то издание на концертот се дела кои ја симболизираат празничната атмосфера од Бизе, Респиги, Хендл, Штраус, Моцарт, Шуберт, Адам и Грубер.
– Сакаме на публиката која ја почитува класичната музика да и понудиме убава програма од барок до помодерни композиции вклучително и музика на овој век. Двајцата солисти ќе приредат и едно изненадување за публиката, рече Атанасовски.
Концертот е под диригентска палка на гостинот од Италија Алесандро Д Агостини, кој на македонската публика и е познат како редовен гостин на сцената на Македонската опера и балет, а ова ќе биде негово прво гостување кај „Скопските солисти“. Тој ги подготви и аранжманите за изведбата на суитата на Кармен од Бизе посебно за овој концерт.
– Имаме една прекрасна програма. Јас сакав да вклучам и италијанска музика, а тоа е Респиги со „Ранци и арии“. Неговата музика е лесна за слушање, но бидејќи е многу популарна и позната бара и посебен ангажман при нејзиното музицирање, бидејќи комуницира подиректно со публиката, рече Дагостини.
Концертот на „Скопските солисти“ се одржува во соработка со Универзална сала, под покровителство на Министерството за култура и е поддржана од Град Скопје, како и од повеќе традиционални спонзори.
Влезниците се веќе во продажба и чинат 500 денари, а за пензионери и студенти ќе бидат достапни по цена за 50 отсто пониска од редовната.