Осмоноемвриската награда што општина Неготино ја доделува по повод денот на ослободувањето на градот, годинава ја добива трговското друштво „Дуки Дасо“ ДООЕЛ Неготино, одлучија денеска советниците во Советот на општината.
Според одлуката на Советот, осмоноемвриски признанија добиваат филмскиот работник Илија Цветковски, маратонецот Атанас Наумов, Ракометниот клуб „Вардар“ Неготино, крводарителот Ленче Лазовска и научниот истражувач Ангела Глигорова.
Советниците ја донесоа оваа одлука на предлог на општинската Комисија за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија.
Претходно, локалната самоуправа имаше објавено повик на кој сите заинтересирани можеа да дадат предлози за добитници на највисоките општински признанија, кои се доделуваат за остварени резултати во областа на локалниот економски развој, спорт, образование и култура, стопанство и хуманитарна дејност и придонес во развојот, унапредувањето и афирмацијата на општина Неготино.
Тие ќе бидат врачени на добитниците на свечената седница на „8 Ноември“.