Компанијата Ауди планира да се откаже од сериската верзија на новиот модел А2, чиј концепт со електричен погон беше претставен уште во септември 2011 година.
Веста ја објави британскиот Autocar, повикувајќи се на „високо рангиран функционер“ од германската компанија. Во информацијата не се наведува причината за откажувањето од сериско производство, а според истиот извор Аиди има намера сознанијата што го стекна во текот на работата на моделот А2 да ги искористи на своите идни автомобили.
Првобитниот план на Ауди беше со сериска верзија на моделот А2 да почне во текот на 2015 година и на тој начин да му се спротивстави на БМВ-и3. Инспирирана од првата генерација на Ауди А2 и неговата алуминиумска конструкција, новата верзија требаше да се произведува во две варијанти- како Плуг-ин Хибрид и како Електрично возило (ЕВ).
Концептниот А2 што беше прикажан на авто-салонот во Франкфурт во 2011 година имаше електричен погон и маса од само 1.150 килограми, а во таканаречениот „сендвич под“ беа сместени литирум-јонски батерии.
Според податоците на производителот, електромоторот развива 85 kW/116 Кс и максимален обртен момент од 270 Нм. Забрзувањето од 0 до 100 километри изнесува 9,3 секунди, а максималната брзина 150 километри на час.
Ауди тврдеше дека концептниот А2 е во состојба со едно полнење на батериите да мине 200 километри.