Австралија денеска ги предупреди своите државјани, кои учествуваат во борбите во Сирија, дека ризикуваат казни од дваесет години затвор, пренесоа француските медиуми, откако потсетија дека Австралиец во неделата загина во сириската граѓанска војна.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи Боб Кар изјави дека владата има податоци за над 100 Австралијци, кои од 2011 година до сега учествувале во конфликтот, но не располага со „докази“ дека се уште се вклучени во него.
Закон од 1978 година на австралиските граѓани им забранува да заминуваат за странска земја со намера да се вклучат во борбени дејствија, напомена Кар.
-Предвидената казна е 20 години затвор. Кој во Австралија собира борци за да се борат во странство ризикува да добие седум, предупреди портпаролот.
Се претпоставува дека во Сирија се убиени најмалку тројца Австралијци. Последниот засега, познат под прекарот Абу ал Валид ал Австрали, бил убиен во неделата во напад на востаниците врз важната воена база „Вади деиф“ во северозападна Сирија, покажуваат податоците на Сирискиот центар за набљудување на правата на човекот.
Австралиската влада отворено му се закани на сирискиот режим заради жртвите од конфликтот, инсистирајќи на повлекување на претседателот Башар Асад и протерувајќи повеќе сириски дипломати, напоменуваат француските медиуми.