Во рамки на програмата „Еразмус плус“ во Гевгелија се одржа локална дискусија на тема „Информирани и вклучени млади“, како дел од активностите на проектот за младинско информирање спроведено од коалицијата на младински организации „СЕГА“, со поддршка од националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Магдалена Стамкова, која го презентираше проектот, рече дека подобрувањето на младинското информирање и зголемувањето на младинското учество на национално и локално ниво се главните цели на проектот.
– Во првата фаза од проектот организиравме национална работилница на истата тема по што следуваа локалните дискуии во десет општини меѓу кои и Гевгелија, од кои ги прибираме мислењата на младите луѓе и претставниците на локалните институции во однос на чекорите што треба да се преземаат за подобрување на младинското информирање, рече Стамкова.
Нагласи и дека локалните дискусии произлегуваат и од потребата за отворање и функционирање на младински информативни центри во секоја општина, со што би се обезбедил придонес за националната конференција која треба да се одржи на почетокот од декември годинава.