Шпанската вицепремиерка Сораја Саенз де Сантамарија е жената која Мадрид ја именуваше за да ја врати шпанската власт во Каталонија.
За неа се верува дека е една од најспособните политичарки во оваа земја, а доколку успее во тоа, многумина предвидуваат дека таа ќе биде следната премиерка на Шпанија.
Де Сантамарија, која е десна рака на премиерот Маријано Рахој, е дипломирана правничка, која во повеќе наврати беше назначувана за решавање на кризни ситуации во Шпанија. Таа е заменик на Рахој, откако тој стана премиер во 2011 година, а оттогаш беше задолжена за кризата при избивање на еболата во 2014 година, а потоа по падот на авионот на „Џерманвингс“ во 2015 година, при што загинаа 150 патници.
„Економист“ ја прогласи за најмоќна жена во Шпанија, а аналитичарите прогнозиираат дека кризата во каталонија ќе биде клучна за нејзината натамошна кариера.
Таа стана лице од насловната страна, кога во 2011 година, само 11 дена откако го роди своето прво дете, се врати на работа, образложувајќи дека државата е во длабока економска криза и оти треба да се работи. Освен што е заменик-премиер, во еден период беше и портпарол на Владата, а кусо време го предводеше и Министерството за правда.
Пред да влезе во политика, таа беше државна обвинителка и како една од најелитните правни експерти во Шпанија, медиумите тврдат дека е и повеќе од квалификувана за спроведување на законот во Каталонија.
Саенз де Сантамарија минатата година мина поголем период во Каталонија како некој вид „посебен пратеник на Владата“, така што добро ја познава тамошната ситуација, но и сите инволвирани актери.
Од неа се очекува да увери близу два милиони Каталонци, кои на 1 октомври гласаа за независност, дека се измамени и дека ситуацијата не е таква каква што им била презентирана.
И се забележува дека има недостиг на харизма и оти ужива мала доверба кај жените, пред се кај феминистките, затоа што припаѓа на партија од десен центар.
За нејзиниот професионален живот се знае речиси се, но е многу заштитнички настроена кон нејзината приватност. За неа се знае дека е голем обожавател на Ејми Вајнхаус и групата Колдплеј, но и дека многу сака и поседува голема колекција на ракавици.