Конзервативната Партија на независноста на исландскиот премиер Бјарни Бенедиктсон освои најмногу гласови на вчерашните предвремени парламентарни избори во Исланд, но четирите левичарски опозициски партии заедно обезбедија мнозинство во 63-члениот Парламент.
Според конечните неофицијални резултати објавени денеска, партијата на Бенедиктсон освоила 24,5 отсто од гласовите и обезбедила 16 места во исландскиот Парламент.
На второ место се пласира социјалистичкото Движење Леви зелени на Кетрин Јакобсдотир со освоени 17,1 проценти од гласовите и 11 мандати, а трета е партијата Социјалдемократска алијанса со 12,2 отсто гласови и седум пратенички места.
Овие две партии, заедно со левоцентристичката аграрна Прогресивна партија, која освои 10,8 проценти од гласовите и осум пратеници и левичарската Пиратска партија со 9,4 отсто и шест мандата, во новиот состав на Парламентот ќе имаат 32 пратеничи места, што е доволно за парламентрано мнозинство.
Новоформираната евроскептична популистичка Партија на центарот освои 10,7 отсто од гласовите и седум пратеници, а десничарската Народна партија и либералната Реформска партија, добија 7,3, односно 6,5 проценти гласови, и освоија по четири мандати.
Сепак „тесното“ мнозинство на четирите левичарски партии од само еден пратеник не е гаранција за формирање на стабилна коалициска влада, па не е исклучена можноста за прегрупирање на силите и создавање поинакво парламентарно мнозинство. Поради ваквиот распоред на силите во Парламнетот, не се исклучува и можноста веќе следната година Исланѓаните да излезат на ново предвремено гласање.
Вчерашните избори во Исланд беа трети во последниве четири години. Тие беа распишани во септември по распадот на досегашната владина коалиција, формирана во јануари годинава, откако либералната партија Светла иднина се повлече од Владата, затоа што таткото на премиерот Бенедиктсон потпиша петиција за бришење на криминалното досие на осуден педофил.
Партијата оцени дека има „сериозно нарушување на довербата“, тврдејќи дека премиерот се обидел да „го прикрие скандалот со неговиот татко“.
Светла иднина на вчерашните избори освои само 1,1 отсто од гласовите и не успеа да го мине пет процентниот изборен праг за влез во новиот Парламент.