Шпанската Влада денеска соопшти дека ќе го поздрави учеството на сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон на регионалните избори кои ќе се одржат во декември.
Портпаролот на Владата, Ињиго Мендес де Виго изјави дека Пуџдемон „има право“ да продолжи да се занимава со политика, а Владата, доколку тој одбие да ја напушти функцијата од која е сменет, ќе реагира „интелигентно и разумно“.
Претходно, Пуџдемон во телевизиско обраќање им упати повик на Каталонците на демократски и мирен начин да се спротивстават на одлуката на шпанската Влада да преземе директна контрола врз Каталонија по вчерашното прогласување независност во регионалниот парламент.
Шпанскиот весник „Паис“, повикувајќи се на владини извори во Мадрид, пишува дека кабинетот на премиерот Маријано Рахој „не им дава важност на ставовите на Пуџдемон бидејќи станува збор за сменет претседател на Каталонија“.
Мендес де Виго му порача на Пуџдемон „да се подготви за следните избори и доколку учествува ќе може да го спроведе тоа демократско спротивставување“.