Комисија во шпанскиот Сенат го одобри предлогот на Владата да преземе директно управување во Каталонија, со цел да прекине нејзината кампања за независност.
Предлогот, подготвен од Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој, вклучува отстранување на каталонското регионално раководство од должност и ограничување на надлежностите на регионалниот парламент.
Комисијата прифати измена, предложена од опозициската Социјалистичка партија, со која се предвидува постепено и пропорционално воведување на мерките, зависно од развојот на ситуацијата во Каталонија.
Се очекува шпанскиот Сенат да го одобри барањето на централната Влада на пленарна седница. Конзервативната Народна Партија на премиерот Рахој има апсолутно мнозинство во Сенатот. Веднаш потоа Владата ќе одлучи кои мерки да ги примени и кога.