Лидерот на шпанскиот регион Каталонија, Карлес Пуџдемон нагласи денеска дека одлучил да не распише парламентарни избори кои би можеле да ги отстранат тензиите со шпанската Влада.
Тој истакна дека таквата одлука му ја препушта на Парламентот, односно на парламентарното мнозинство.
Каталонскиот премиер денеска рече дека размислувал да побара предвремени избори, но не ја донел таквата одлука затоа што не добил доволно гаранции дека владините „навредливи” потези за преземање контролата врз Каталонија ќе бидат суспендирани.
Пуџдемон потенцираше дека тој не добил никакви гаранции дека Членот 155 од Уставот нема да биде активиран или дека „репресијата“ би завршила доколку бидат распишани избори.
Шпанската Влада соопшти денеска дека е време за „нова етапа“ во која ќе треба да се почитуваат законите.
Во моментов во тек е седница на Сенатот на Шпанија на која се расправа за укинувањето на автономијата на Каталонија. Оценката е дека Сенатот треба да ја потврди одлуката за активирање на Членот 155 од Уставот заради „повторно воспоставување на владеењето на Правото.
Претседателот на каталонската Влада изрази жалење поради „навредливиот и неправеден“ обид на Шпанија да го „искорени“ самоуправувањето на областа, дополнувајќи дека тоа нема да биде прифатено.
– Жалиме затоа што одговорност е побарана само од едната страна, додека на другата и е дозволено да се однесува целосно неодговорно, истакна тој.
Во кусиот говор во Барселона, сепаратистичкиот лидер рече дека регионалниот парламент сега ќе одлучи како да одговори на планот на шпанските власти за преземање на ингеренциите од регионалната Влада во Барселона.
Мерките без преседан треба да бидат одобрени утре во Мадрид и ќе доведат до прва директна интервенција од страна на централните власти во работите на еден од 17-те автономни региони во земјата.
Конзервативната влада на Шпанија понуди да ги запре вонредните мерки ако се одржат нови избори во Каталонија, но неодамна се повлече од тоа.