Пуџдемон се откажа од обраќањето до јавноста

Од:

Говорот што каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон требаше денеска да го одржи, е откажан, без да се даде какво било објаснување од Владата на таа шпанска автономна област.

– Телевизиското обраќање е откажано, изјави портпарол на Владата на Каталонија, без притоа да ги прецизира причините.

Таквиот развој се случува во момент кога цела Шпанија очекува да дознае дали во Каталонија ќе бидат распишани регионални избори за да се избегне укинувањето на автономијата, за што аналитичари предупредуваат дека би било со несогледливи последици.

Говорот прво беше одложен за еден час, а потоа е во целост откажан.

Претходно, двајца функционери од партијата на Пуџдемон, ПДЕКат поднесоа оставки.

Шпанскиот весник „Паис“ објави дека заменикот на Пуџдемон, Жорди Баигет го напуштил седиштето на партијата со извици „предавнику“, а оставка дал и Жорди Куминал, заменик шеф на движењето Џунтс пел си, од ОДЕКат.

Шпанскиот весник „Ла Вангардија“ извести дека каталонската Влада анализира дали да организира регионални избори на 20 декември.

Пуџдемон синоќа имаше седумчасовен состанок со неговиот кабинет, на кој требаше да се донесе одлука за тоа што да се преземе, откако тој одби да се појави утре пред Сенатот во Мадрид.

Дел од членовите на регионалната Влада на Каталонија вчера побараа од Пуџдемон да распише предвремени избори за членови на каталонскиот Парламент, со цел да се избегне Владата во Мадрид да преземе директна контрола над регионот.

Извор близок на Пуџдемон, наведе дека на владиното заседание, дел од министрите ја поддржале идејата за предвремени избори и побарале од претседателот на регионалната Влада да покрене таква иницијатива.

Каталонскиот весник „Вингуардија“ објави дека во каталонската Влада имало „жестока дискусија“ меѓу оние кои сакаат да бидат одржани предвремени избори и оние кои сакаат еднострано прогласување независност на Каталонија.

Каталонскиот парламент денеска во 17 часот треба да одржи седница на која ќе расправа за одговорот на Барселона по најавите од Мадрид за активирање на членот 155 од Уставот. Најавено е дека Пуџдемон ќе се обрати од каталонската парламентарна говорница во текот на попладневните часови. Локалните медиуми наведуваат дека е можно на оваа седница, Парламентот, еднострано да прогласи независност.

Потпретседателот на Каталонија Уриол Жункерас вчера изјави дека овој регион ќе прогласи „нова република“. Тој прецизираше дека потезите на Шпанија не оставаат никаква друга опција на каталонските сепаратисти освен да прогласат нова република.

– Според нашето сфаќање, имаме демократски мандат за прогласување нова република. Шпанската Влада не ни остави никаква друга опција, истакна Жункерас.

Во меѓувреме, илјадници студенти денеска се собраа во Барселона на протести на кои повикаа за прогласување независна република Каталонија.

Тие изразуваат и незадоволство поради намерата на шпанската Влада да ја стави под своја контрола автономната област. Демонстрантите продефилираа низ централните улици на каталонскиот главен град со црвени цвеќиња в рака и знамиња на каталонската независност околу вратот.

„Не можете да затворите цел народ. НЕ за франковска репресија“ беше наведено на транспаренти. Студентите скандираа: „Окупациски сили надвор!“

Од друга страна, шпанскиот министер за правда Рафаел Катала е категоричен во оценката дека прогласувањето независност „нема да биде законски валидно“, иако ќе има „последици од криминална точка на гледиште“.

Шпанскиот Сенат за утре закажа седница, на која ќе се разгледува предлогот на премиерот Маријано Рахој за укинување на автономијата. Според дел од медиумите, на оваа седница, наместо Пуџдемон, ќе присуствува претседателот на каталонскиот Парламент.

Во понеделникот, шпанските политички партии одредија 27 сенатори за членови на комисија која ќе донесе одлука како Владата во Мадрид може да интервенира во управувањето со Каталонија и да ја спречи да прогласи независност.

Комисијата се состои од 15 членови на владејачката Народна партија на шпанскиот премиер Маријано Рахој, шест членови на водечката опозициска Социјалистичка партија, а остатокот го сочинуваат членови на помали шпански партии.

Тие ќе ги разгледаат мерките што им се на располагање врз основа на Членот 155 од шпанскиот Устав и како да ја распуштат каталонската Влада и каталонскиот регионален претседател Карлес Пуџдемон и неговите министри.

Комисијата го повика Пуџдемон да ги образложи денеска своите планови, еден ден пред Сенатот да гласа за одлуката на Владата да го активира членот 155.

Наместо да се појави во Сенатот, Пуџдемон испрати писмо, во кое наведе дека „поставувањето на Каталонија под директна управа на шпанските централни власти ќе го лиши каталонскиот народ од неговите институции и ќе предизвика уште поголема ескалација на кризата“.

– Наместо да го среди она што Владата на државата го нарекува тешка вонредна состојба, таа со своите постапки за одземање на политичката автономија на Каталонија ќе предизвика уште потешка вонредна ситуација, наведува Пуџдемон во писмото што денеска го испрати до Сенатот на Шпанија.

Имајќи предвид дека партијата на Рахој има мнозинство во Сенатот, извесно е дека одлуката за активација на членот 155 ќе биде изгласана.

Пуџдемон во писмото оценува дека воведувањето на директна управа врз Каталонија од страна на централната Влада ќе претставува прекршување на шпанскиот Устав.

Шпанската Влада во саботата реши да започне процес на активирање на членот 155 од Уставот, со што би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раководел посебен орган именуван од страна на Кабинетот во Мадрид.

Владата се реши на ваквиот потег, откако властите во Барселона на 1 октомври спроведоа референдум за независонсот на Каталонија, кој беше прогласен за нелегален од страна на Мадрид. На референдумот гласаа околу 40 отсто од регистрираните избирачи, од кои над 90 проценти се изјаснија за независност.

Би можело да ве интересира

Првиот човек на Валенсија одбива да поднесе оставка за грешките за време на поплавите

Уапсен полицаец, во ѕидовите од неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра

ВИДЕО: Во Шпанија ноќеска повторно се спасуваа луѓе, по улиците се излеваа реки вода

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Во Шпанија се затвараат училишта, се евакуираат некои жители по обилните дождови

(ВИДЕО) Драматични сцени од Шпанија: Малага е под вода

Горан Наумовски

Санчез: Времето за политички дискусии за поплавите ќе биде по реконструкцијата