Кога станува збор за винарската „тешка категорија“ во Европа, тековната 2017 беше ужасна, со оглед на мразот, потоа студот на северот и сушата на југот на континентот, изјави во Париз претседателот на Меѓународната организација за лоза и вино Жан-Мари Оуранд. Тој прецизираше дека толку лоша година не е забележана уште од 1961.
Во светот оваа година ќе бидат произведени само околу 247 милиони хектолитри вино, што е 8,2 отсто помалку од лани. Тоа е најнико ниво на производство од 1961 година.
Кога станува збор за произведувачите надвор од Европа, винарите од Јужна Америка можат да се пофалат со повеќе вино од претходната година, но само поради тоа што лозјата лани беа уништени од дејствувањето на Ел Нињо.
Сепак, на презентацијата беше истакнато дека „тешка категорија“ во винарството се уште е Европа, каде само во Италија, Франција и Шпанија се создава 44 отсто од целокупната количина вино во целиот свет.
Најголем светски произведувач останува Италија, иако во тамошните бочви ќе има 23 отсто помалку вино од претходната година. Втора земја според производството е Франција, која годинава беше погодена од доцен мраз и студено, влажно лето и горештина која дојде дури во август. И Германија бележи пад од 10 отсто при производството на вино.
Жан-Мари Оуранд не сакаше да претпостави дали лошата берба ќе значи и повисока цена на виното. Од 2006 година, потрошувачката на вино во светот е во мало опаѓање, па се претпоставува дека винариите имаат доволно залихи за лошата година да не се одрази на цената.