За три години убиени 15 жени само зашто се жени

Од:

Од 2013 до 2016 година во Македонија, неофицијално, регистрирани се 15 фемициди односно намерни убиства на жени затоа што се жени. Ова денеска беше истакнато на конференција „Фемициди – убиства на жени заради тоа што се жени“ во организација на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во соработка со ОН.

Фемицид е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно насилство или интимно-партнерско насилство.

Извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство Елена Димушевска истакна дека во Македонија фемицидот не е регулиран како посебно кривично дело и дека загрижувачко е што нема и официјална статистика на фемициди или убиства на жени на национално ниво.

– Од 2013 до 2016 година имаме регистрирано 15 убиства, но тоа не е официјална статистика и не ја преставува реалната бројка. Од Државниот завод за статистика има податок дека од 2008 до 2016 година има 70 убиени жени, но сега се извршува анализа колку од убиствата се фемициди. Жените жртви се на различна возраст, информираше Димушевска.

Според неа, жените кои се жртви на фемициди претходно биле жртви на насилство, но и биле недоволно информирани за пријавување во соодветни институции.

– Тие што пријавиле во полиција или во Центарот за социјална работа, не добиле соодветна реакција, односно не се преземени соодветни мерки и жената била убиена. Повеќе од 90 проценти од убиствата се слуќуваат во домот или доколку сопружниците се разделени се случуваат во куќата на жртвата. Најнебезбедно место на жртвите, е нивниот дом, рече Димушевска.

Постојана координаторка на ОН и постојана претставничка на УНДП Луиза Винтон рече дека зад секое убиство има долга историја на луѓе кои знаеле нешто, но не дејствувале. Во сите случаи постои облигација преку облигационото право да се преземе акција да се заштити потенцијалната жртва. Порача дека најбитно за Македонија е да се ратификува Истанбулската конвенција.

Вирве Вимпари од Делегација на ЕУ рече дека фемицидот е еден вид на дискриминација и дека е причина и последица на родовата нееднаквост.

– Иако дури и во земја како што е случајот со мојата – Финска, ние би требало да бидеме многу напредни во однос на родовата еднаквост, можеме да видиме дека дури и во ЕУ третина од жените искусиле некакво физичко или сексуално насилство. Јас сум една од тие жени, но ја имав среќата да ја избегнам од таа ситуација и да се спасам. Не сите жени се толку среќни. Голем број на вакви дела остануваат непријавени, рече Вимпари.

Порача дека мора да се нуди правна заштита што е клучно за да се заштитат жртвите на семејно насилство.

Претставникот на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) Светлана Цветковска рече дека кај нас се уште се случува да се морализираат овие настани, да се обвинуваат жените дека самите се виновни за она што им се случило, дека тие го провоцирале насилникот и оти самите се виновни за последиците.

– Токму затоа, една од стратешките определби на Владата на РМ и Министерството е преземање на одговорни мерки во насока на справување со насилството врз жените. Потребна е сеопфатна национална стратегија и политика која ќе значи справување со насилството. Во таа насока МТСП започна со интензивни активности во насока на ратификација на Истанбулската конвенција, истакна Цветковска.

Информираше дека за таа цел формирана е работна група од повеќе претставници од меѓуресорски институции, но и дека се вклучени и невладините организации. Цветковска рече дека во МТСП интензивно се работи и на отворање Центар за жртви на сексуално насилство.

Би можело да ве интересира

Скопјанец со нож и се заканувал на сопругата

Скопјанка го нападнала сопругот и свекорот, па искршила дел од покуќнината

Mаж од Делчево ја претепал сопругата

Левица: Семејното насилство да се гони по службена должност – потребни се итни промени на Кривичниот законик

Горан Наумовски

Татко од Битола секојдневно си ги тепал и ги малтретирал децата

Битолчанец ја киднапирал и крвнички ја тепал поранешната партнерка, продолжил да ја удира и откако си ги исекла вените

Катерина Ѓуровски