Европскиот Парламент предложил од претпристапните средства за Турција за 2018 година да биде одземена сума од 50 милиони евра, соопшти романскиот европратеник Зигфрид Мурешан кој е известувач на ЕП за буџетот на Европската унија за 2018 година.
Европскиот Парламент денеска на пленарна седница ќе гласа за својот став за буџетот на Унијата за 2018 година.
Романскиот европратеник синоќа соопшти дека ЕП предложил претпристапните средства за Турција да се намалат за 50 милиони евра, а во резерва да се стават 30 милиони евра. Мурешан рече дека земјите членки предложиле на Турција да и се одземат 20 милиони евра, но Европскиот Парламент предложил таа сума да изнесува 50 милиони евра затоа што, според европратениците, во Турција се ограничува слободата на медиумите, слободата на изразување, човековите права, а политичките реформи одат во сосема погрешна насока и Турција не се доближува туку напротив се оддалечува од европските стандарди.
Мурешан додаде дека 50 милиони евра ќе бидат одземени од вкупната сума од 217 милиони кои се назначени за политички реформи во Турција. Тој објасни дека овие средства не ги засегаат 291 милиони евра доделени за економска соработка. Романскиот европратеник рече дека не се засегнати ниту средствата за земјоделство затоа што „земјоделците во Турција не сносат никаква одговорност за однесувањето и непочитувањето на демократските стандарди од страна на властите во Анкара“.
Тој истакна дека е предложено 30 милиони евра да бидат ставени во резерва и тоа ќе бидат средства кои се подготвени да се мобилизираат ако ситуацијата во Турција се подобри.
Годишниот буџет на Европската унија за 2018 година изнесува 160 милијарди евра.