Еден од приоритетите на Владата на Шпанија е „воспоставување на нормални услови и владеење на законот“ во Каталонија, изјави шпанскиот премиер Маријано Рахој во обраќање пред Парламентот во Мадрид.
Тој нагласи дека шпанската Влада сакала да ги избегне понатамошните економски штети во Каталонија, предизвикани од „обидите за сепаратизам“, поради што и ја донела одлуката за дирекна управа над регионот.
Поради нестабилноста во Каталонија предизвикана со одржувањето на референдумот за независност, над илјада фирми најавија дислокација на своите филијали од регионот, поради што Мадрид ја намали прогнозата за економски раст.
Шпанскиот Сенат во понеделникот избра Комисија од 27 сенатори, кои ќе имаат задача да следат како Владата во Мадрид ќе ја спорведува директната управа над Каталонија, со што би се спречило нејзино отцепување од земјата.
Комисијата треба да утврди со кои мерки располага централната Влада врз основа на членот 155 од Уставот на Шпанија, кој дозволува суспензија на автономијата на одделни региони и воведување на директна управа.
Се очекува комисијата да го информира претседателот на каталонската регионалната Влада, Карлес Пуџдемон за своите планови и да го повика на сослушување, најверојатно утре, пред седницата на шпанскиот Сенат најавена за в петок, на која сенаторите треба да се изјаснат за активирање на членот 155 од Уставот во случајот на Каталонија.
Се очекува Сенатот да ја профати одлуката на Владата имајќи предвид дека Народната партија на Рахој има апсолутно мнозинство во Горниот дом на шпанскиот Парламент.
За утре е најавена седница на каталонскиот Парламент, на кој би можела да биде донесена одлука за игнорирање на мерките на Мадрид и да биде прогласена еднострана независност на Каталонија.
Шпанската Влада во саботата реши да започне процес на активирање на членот 155 од Уставот, со што би се распуштила регионалната Влада и би се распишале предвремени избори, а до нивното одржување со Каталонија би раковедел посебен орган именуван од страна на Кабинетот во Мадрид.
Владата се реши на ваквиот потег, откако властите во Барселона на 1 октомври спроведоа референдум за независонсот на Каталонија, кој беше прогласен за нелегален од страна на Мадрид. На референдумот гласаа околу 40 отсто од регистрираните избирачи, од кои над 90 проценти се изјаснија за независонсот.