Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утре почнува со реализација на есенската кампања за вакцинација на лисиците против беснило со авионско фрлање вакцинални мамки од аеродромите во Скопје и Штип.
Со техничка и финансиска поддршка од Европската унија, заклучно со 3 ноември 2017 година, на територијата на цела држава ќе бидат фрлени 500 илјади мамки. Како што потенцираат од АХВ, вакцинацијата има за цел прекинување на пренесување на вирусот на беснило од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите, односно од таканаречените резервоари.
– Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку сепак се случи мамката да се допре, рацете да се измијат со обилно количество вода и сапун, а доколку мамката дојде во контакт со уста, задолжително да се побара и лекарска помош, се посочува во соопштението од Агенцијата за храна и ветеринарство.
АХВ по завршување на вакцинацијата ќе спроведе контрола за проценка на успешноста и на оваа вакцинална кампања.
Оралната вакцинација на лисиците против беснило во Република Македонија почна да се спроведува во 2011 година, со по две вакцинални кампањи – пролетна и есенска.