Претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани изјави дека Европа би требало да се плаши од ширење на мали нации, во време кога Шпанија се бори со каталонската криза, а италијанските региони Ломбардија и Венето денеска одржуваат референдуми за поголема автономија.
– Поради тоа никој во Европа нема намера да ја признае Каталонија. Дури и Тереза Меј насред Бегзит рече дека Обединетото Кралство никогаш не би ја признало Каталонија. Шпанија е историски обединета држава со многу автономни региони и разнолико население кое зборува на различни јазици. Европа нема да зајакне со деградирање на државноста, изјави Тајани за италијанскиот весник „Месагеро”.
Тој рече дека референдумите во Италија се легтимни и оти по тоа се разликуваат од оној во Каталонија.
– Овие два референдуми се легитимни што не беше случај во Каталонија. Во Шпанија, не се работеше за автономија, туку за прогласување независност, што е против владеењето на правото и шпанскиот Устав, изјави Тајани.