Шпанското обвинителство подготвило тужба против каталонскиот премиер Карлес Пуџдемон, ако тој прогласи независност на автономната област, јавија некои светски агенции.
Пуџдемон може да биде обвинет за бунт. Според шпанскиот закон, тој за вакво дело може да добие до 30 години затворска казна.
Оваа недела Пуџдемон испрати писмо до шпанскиот премиер Маријано Рахој, во кое се закани дека ќе свика гласање во каталонскиот Парламент по прашањето за прогласување независност, ако Мадрид не се согласи на дијалог.
Во одговорот, шпанската Влада соопшти дека започнува процедура за активирање на членот 155 од Уставот, со кој се овозможува да биде ограничена самоуправата на Каталонија.