Саше Ивановски – Политико вечерва бил нападнат од страна на бизнисменот Минчо Јорданов по завршувањето на настанот за одбележување 20 години од постоењето на „Макстил“, каде како гости беа и вицепремиерот Кочо Анѓушев, претседателот Ѓорге Иванов и амбасадори.
– Ме нападна и ми го скрши телефонот. Бев и го пријавив во полиција.Јас по настанот му пристапив на Јорданов со намера да му поставам неколку прашања. Тој се согласи, но кога го прашав за изградбата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ од страна на неговата „Бетон“ и зошто им ја подари, ми се нафрли да ме напаѓа, па други бизнисмени го држеа за да ме одбранат. Тој се обидуваше да ми го земе телефонот со којшто снимав, и на крај успеа, па го стави во џебот, па се тргавме за телефонот и на крај бодигардите ме исфрлија. Телефонот потоа ми го вратија искршен, изјави Ивановски за А1он.
Ивановски вели дека Јорданов реагирал и кога го прашал дали се плаши од истрагите на СЈО за тендерите за Скопје 2014, од каде неговата ДГ Бетон АД, Скопје наплатила над 216 милиони евра.