Пратеничката на екстремно-десничарската партијата „Шведски демократи“ во Општинското собрание во Алмхулт, Аника Рид, смета дека раѓањето деца меѓу муслиманите треба да се ограничи, јави дописникот на МИА од Гетеборг.
Потребно е воведување на глобално законодавство во врска со ова прашање, бидејќи, според мислење на пратеничката Рид, муслиманскиот наталитет е „светски проблем“, кој би требало да се регулира со закон.
– Ова прашање не е од локален карактер, туку меѓународната заедница треба да се заложи за ограничувачка политика, според примерот на Кина, вели Аника Рид.
На веб-страницата на „Шведски демократи“ во Алмхулт се наведува дека исламот ќе го освои светот за педесет години и дека Шведска „треба да се разбуди“.
Централното раководство на „Шведски демократи“, познати по своите нетолерантни ставови кон имигрантите и бегалците, тврди дека тие не стојат зад ставовите на Аника Рид во врска со предлогот за ограничување на наталитетот меѓу муслиманите.
– Ние не заговараме такво нешто, вели партискиот прес-секретар Мартин Кинуен за весникот „Експо“, но не сака да дава дополнителни коментари. Ова не е првпат веб-страницата на „Шведски демократи“ во Алмухлт да биде изложена на критики. Пред извесно време Аника Рид, меѓу другото, пишуваше дека азилантите кои се жалеле на мувла и влага во своите станови „барале премногу“.