Во денешниов мултиполарен свет, во кој безбедносните закани се асиметрични, глобалната безбедност може да се постигне единствено преку ефикасна, вистинска соработка, порача денеска заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, на отворањето на состанокот на Групата за управување со безбедносната соработка во Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи.
– Јас сум цврсто убеден дека интеграцијата на Балканот во НАТО и во Европската Унија е критичен елемент и дека политиката на отворени врати во НАТО мора да продолжи сè додека секоја земја-аспирант не го пронајде својот пат до Алијансата“, рече Максути.
Според него, и по седумнаесет успешни акциски планови за членство, Македонија сè уште е на патот кон НАТО, но и дека реформите остануваат да бидат во нашиот фокус.
Во рамките на денешните состаноци, претставници од Министерството за одбрана ќе ја презентираат одбранбената политика и меѓународната соработка во Министерството, придонесот на АРМ во мировните мисии, како и капацитетите на единствениот НАТО-сертифициран центар во државата, Регионалниот центар за односи со јавноста.
Со Групата за управување со безбедносната соработка во Југоисточна Европа оваа година претседава Република Македонија. Таа претставува неформален и флексибилен форум за зајакнување на регионалната соработка преку бројни проекти и иницијативи. Дел од групата се земјите-членки на Партнерството за мир и НАТО- земјите.