Имплементацијата на повеќегодишниот акциски план (МАП) за Регионална економска област (РЕА), кој беше одобрен на Самитот на Западен Балкан годинава во Трст, почна денеска во областа на дигиталната интеграција.
Учесниците на МАП на денешниот состанок во Сараево воспоставија Управен одбор составен од претставници на шесте земји од Западен Балкан, со задача за подготовка на регионалниот дигитален самит во 2018 година.
– Важноста на дигиталната агенда за Регионалниот економски простор на Западен Балкан недвосмислено е истакната на Самитот во Трст ова лето. Советот за регионална соработка работи со економиите од регионот со цел консолидација на пазарот од околу 20 милиони луѓе, привлекување на инвестиции, постигнување на раст и отворање работни места. Во оваа насока, со денешниот состанок и почетокот на работа за дигиталниот самитот, направен е исчекор кон еден од главните цели на повеќегодишниот акциски план, а тоа е развој на дигиталните пазари, со оглед на тоа дека со развојот на дигиталната технологија се менува се, начинот на комуникација, работата, учењето и животот. Регионот треба да го искористи својот потенцијал во областа на развојот на дигиталната технологија и да почне од тоа да остварува корист, со тоа што ќе обезбеди сигурни, транспарентни, иновативни и конкурентни услуги, изјави генералниот секретар на Советот, Горан Свилановиќ во своето воведно обраќање.
Хелге Толксдорф, шеф на одделот за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција во Министерството за економски односи и енергетика на Германија, изрази задоволство од фактот што формирањето на Одборот го доведува чекор поблиску до дигиталниот самит, затоа што Одборот ќе се занимава со обемот, целите и организациски прашања на самитот.
Целта на дигиталната агенда за шест земји од Западен Балкан е со интеграција на регионот во паневропскиот дигитален пазар да се отвори пристапот до дигиталната економија. За тоа се потребни стратегии за дигитализација прилагодени на идните потреби, ажурирана законска рамка, унапредена широкопојасна инфраструктура и пристап, како и дигитална писменост.