Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер очекува дека планираната средба задутре со премиерите на Вишеградската група ќе придонесе да нема тензии меѓу источните и западните членки на Европската Унија.
Јункер ќе се сретне со премиерите на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка, да дискутира за најтрнливите прашања во нивните односи со Брисел.
Неговиот кабинет соопшти дека средбата ќе биде добра можност да се отворат прашања како што се дистрибуцијата на бегалци и мигранти низ Европската Унија, како и квалитетот на храната и производите што се продаваат во разните делови на ЕУ.
Земјите од Вишеградската група се спротиставија на планираното распределување на мигрантите кои пристигнаа во побогатите членки на ЕУ, како што се Германија и Шведска, во текот на кризата во 2015 и 2016 година. Тие воедно протестираат против различните стандарди за квалитет на производи кои ги продаваат одредени компании, испраќајќи полоши производи во источна Европа, но под истите брендови како на западот. Од кабинетот на Јункер велат дека ова прашање веќе било отворено на сребата во Братислава посветена на правата на потрошувачите.