Наградата „Прозни мајстори“ за Алаѓозовски, Крајчев и Тоциновски

Од:

Наградата „Прозни мајстори“ на издавачката куќа „Феникс” и Фондацијата „Македонија презент” им се доделува на Роберт Алаѓозовски за романот „Готен”, на Игор Крајчев за романот „Воини и херои” и на Васил Тоциновски за книгата раскази „Сушачко попладне“.

Одлуката ја донесе жири во состав Христо Петрески (претседател), Панде Манојлов и Виктор Шеќеровски (членови), а на наградените ќе им биде врачена утре во аутлет-книжарницата „Феникс“. Со доделување на наградите „Феникс“ ќе ја почне манифестацијата „Фестивал на чајот и читањето”, кој ќе трае до 3 март.

Алаѓозовски во романот „Готен“ го проследува усното предание за доаѓањето на Сасите во Македонија, од нивното доселување на Балканот во 13 век, привилегиите, но и напорната рударска работа што ја вршеле под средновековните владетели…- Приказната за кланот Готен е приказна која ги допира и современите културни и современи дебати за тоа како се врши трансгресијата на културниот и етничкиот идентитет, како се создава и заслужува националниот идентитет, како се формираат, како оперираат и како престануваат да важат културните и етничките разлики, соопшти „Феникс“.

Во „Воини и херои” од Игор Крајчев, издание на „Панили”, станува збор за целосно измислена земја, со животни, езера, народ, јазик,  енциклопедиски измислена земја која се вика Креидон. – Романот е псевдосказна, а сказната е подготовка (иницијација) за животот. Животот  е пак борба со злото. Кој ќе падне, ќе стане ѕвезда на небото над Креидон, соопшти „Феникс“.

Збирката раскази „Сушачко попладне” на Тоциновски е издание на „Феникс”. Напишана е во Риека и, како што информира издавачот, создадена е во специфичниот далматински и медитерански амбиент и ги поседува и донесува карактеристиките на тоа поднебје. – Вистинска магија се времето и просторот на чудесната Риека. Градот не признава ни човечки ни цивилизациски граници, а човекот е универзална честичка. Магијата на неговата убавина во своето срце го собира целиот свет…, соопшти „Феникс“ за збирката раскази „Сушачко попладне“, која прво е објавена на хрватски јазик.

Досегашни добитници на наградата „Прозни мајстори” се: Ермис Лафазановски, Игор Исаковски, Горјан Петревски, Ким Мехмети, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Трајче Кацаров и Блаже Миневски.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Тринаесет маратонци ќе трчаат од Нова Градишка до Крушево на 17. ултра маратон за Тоше Проески

Зубин Мехта: Патот на еден од највлијателните диригенти во светот