Американската и британската полиција денеска соопштија дека почнуваат истрага по тврдењата на 29 жени дека холивудскиот продуцент Харви Вајнстин сексуално ги злоставувал.
Полицијата во Њујорк соопшти дека повторно да го отвора случајот против оскаровецот од 2004 година, но не кажа за што се работи.
Според американските медиуми, случајот се базира на обвиненија за сексуален напад врз жена. Иследникот ќе испита дали има дополнителни приговори и докази во случајот, изјави портпарол на њујоршката полиција за ДПА.
Полицискиот оддел во Њујорк во вторникот соопшти дека претходната истрага против Вајнстин била спроведена од страна на искусни детективи и супервизори од нејзината специјална единица за жртви.
И Скотланд Јард денеска соопшти дека покренува истрага по добиените обвинувања за сексуален напад во Лондон во 80-те години од минатиот век.
Поплава од обвиненија е направена против Вајнстин, откако во истражувачка сторија на „Њујорк тајмс“ минатата недела беа цитирани осум жени кои го обвинија продуцентот за сексуално вознемирување.
По оваа сторија, бројот на жени кои биле жртви на Вајнстин се зголеми на 29.
Денеска реагираше и американската академија за филмски уметности и науки, која секоја година ги доделува наградите Оскар, а чиј член е и Вајнстин. Управниот одбор на академијата за в сабота свика итен состанок на кој ќе се дискутира за овој случај, како и за чекорите кои потоа ќе бидат преземени.
„Академијата смета дека однесувањето на Харви Вајнсин, изнесено во обвинувањата, е одвратно, вредно за презир и крајно неетично за стандардите на Академијата и креативната заедница која ја претставува“, гласи официјалната изјава на Академијата.
Претходно и Британската академија на филмски и телевизиски уметности (БАФТА) – го суспендираше членството на Вајнстин.
По обвинувањата за сексуалните напади врз жени, извршени во текот на 30 години, вајнстин најави дека заминува во клиника за лекување на сексуална зависност.
Во контекст на ваквите случувања, и неговата сопруга Џорџина Чапман, соопшти дека по 10 години брак, ќе се разведе од славниот продуцент, кој за „Вљубениот Шекспир“ доби и Оскар.
По истражувачкиот текст што беше објавен во „Њујорк тајмс“ минатата недела, во текот на изминатите неколку дена, 29 жени досега изнесоа во јавност обвинение дека легендарниот продуцент Харви Вајнстин сексуално ги злоставувал.
Меѓу нив се и неколку славни американски и странски глумици, но и новинарки, сценаристки, асистентки и секретарки. Неколку од нив го обвинија за силување што Вајнстин категорично го отфрла.
Сценаристката и поранешна глумица Луизет Гајс изјави дека се состанала со Вајнстин со цел да разговара за сценариото кое го напишала. Таа вели дека се чувствувала немоќна.
– Ми беше многу јасно, а и ми беше нагласено дека доколку кажам нешто, голем број адвокати ќе ми бидат на врат и никој нема да ми верува мене, наместо на Вајнстин, наведе таа.
Бројот на жени кои излегуваат во јавност со обвиненија на сметка на Вајнстин се зголемува. Меѓу нив се и добитничките на Оскар Гвинет Палтроу, Мира Сорвино и Анџелина Џоли. Италијанската глумица Асија Арџенто тврди дека Вајнстин ја силувал.
Моќниот продуцент е отпуштен од страна на неговата компанија, по што „Компанијата Вајнстин“ одлучи да го смени и името.
Магазинот „Њујоркер“ исто така објави извештај во кој се наведува дека постои аудио-снимка на која се слуша Вајнстин како признал дека допирал една италијанска манекенка без нејзина дозвола.
Хилари Клинтон истакна дека е „шокирана и згрозена“ со објавените откритија, а поранешниот претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел исто така изразија „вџашеност“.