На иницијатива на ракометните ветерани и македонски репрезентативци Пепи Манасков и Златко Димитровски, синоќа во спортската сала „Младост“ во Битола се одржа ракометен спектакл на ракометните ветерани на РК „Пелистер“ и ракометари кои биле дел од државната македонска репрезентација.
Пред повеќе од 5.000 гледачи ветераните на РК „Пелистер“ ги претставуваа голманите Стевче Стефановски и Зоран Петковски како и познатите битолски и македонски ракометари Златко Димитровски, Кире Поповски, Стевче Алушовски, Наумче Мојсовски, Душан Новокмет кој по 19 години повторно заигра во битолската спортска сала „Младост“, Абдула Јусуфовски и други битолски ракометари познати на спортската јавност.
За ракометни ветерани кои настапувале во државната селекција настапија Димовски, Давковски, Стевче Ѓорѓиевски, Тоше Ташковски, Николовски, Сукара и други истакнати ракометни ветерани чиј предводник и капитен беше Пепи Манасков.
На ревијалниот ракометен натпревар, организаторите Пепи Манасков и Златко Димитровски истакнаа дека во Македонија често треба да се случуваат денови на спортот, празници на спортот на кои ќе се слават успесите и на кои љубителите ќе се потсетуваат на големите спортски успеси.
На синоќешниот ракометен спектакл на ветераните беа доделени посебни признанија за директен придонес во развојот и афирмацијата на ракометот во Битола и Македонија кои ги добија Силјан Мицевски, Благој Стефановски, Трифун Костовски и други кои биле на чело на РК „Пелистер“, Гоце Гроздановски како истакнат спортски работник, Атанас Нашоку-Саку, Благој Багевски и други ракометари од првата генерација на РК „Пелистер“.
Илјадната публика со аплауз му даде посебна почит и на легендата на битолскиот ракомет Пеце Димитровски, како и на прерано починатиот ракометар Боро Чурлевски.
Резултатот од натпреварот беше незначителен и заврши со победа на ветераните на РК „Пелистер“ од 25:22, но поважна од се беше пораката на спортистите и присутната публика за поддршка на квалитетниот спорт и почит на постигнатите резултати.