Портпаролот на каталонската Влада, Хорди Туруљ одби да открие детали за тоа што каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон ќе изјави во денешното обраќање пред Парламентот.
– Тоа се многу силни и импресивни моменти, истакна Туруљ.
Се претпоставува дека Пуџдемон ќе прогласи независност во говорот пред каталонските пратеници, но Туруљ не откри што ќе содржи пораката.
Портпаролот на каталонската Влада зборувајќи за регионалната економија посочи дека е здрава и покрај „егзодусот на фирми“, кои своите седишта ќе дислоцираа од Каталонија.
– Тие кои сакаат да предизвикаат тревога, грешат. Регионалната економија е многу повеќе од неколку компании. Како што заминаа, така и ќе се вратат, посочи Туруљ.
Во меѓувреме портпаролот на шпанската Влада, Иниго Мендес де Виго апелираше до Пуџдемон да не презема неповратни акции.
– Сакам да го замолам господинот Пуџдемон да не презема ништо неповратно, да не оди по пат од кој нема враќање назад, да не прогласува еднострана независност и да се врати на легалитетот, посочи де Виго.
Тој додаде дека Европа нема да ја прифати независноста на Каталонија.