Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека одлуката на САД да прекинат со издавање визи во Турција е разочарувачка. Тој додаде дека претставници од турското МНР се во постојан контакт со американски колеги за тоа прашње.
– Пред се одлуката е многу разочарувачка. За Амбасадата во Анкара да прифати таква одлука и да ја спроведува, тоа е разочарувачки, изјави Ердоган на прес конференција за време на посетата на Украина.
Мисијата на САД во Турција соопшти дека ја прекинува работата на своите служби за издавање неимигрантски визи во американските дипломатски претставништва во Турција, а како причина е наведено дека Анкара мора да ја „преразгледа“ својата посветеност околу безбедноста на американскиот дипломатски персонал.
Анкара со реципрочни мерки одговори на одлуката на американската мисија во Турција за прекин на работата на службите.
Турција соопшти дека ќе го прекине издавањето неимигрантски визи за Американци, но тие рестрикции ќе бидат построги бидејќи се однесуваат на „визи во пасошите, како и е-визите и оние кои се добиваат на граница“, а не само тие што се издаваат во дипломатските претставништва во САД.
Одлуката за контрамерките ја соопшти амбасадата на Турција во Вашингтон.