Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) со низа програмски активности ги почна свеченостите посветени на големиот јубилеј – 50 години од своето формирање.
На претпладневниот собир во МАНУ пред претседателите на академиите на науки и уметности од државите во регионот, односно Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција, Косово, Албанија, Бугарија, Словачка, Чешка, Австрија и Унгарија, говореше претседателот на МАНУ академик Таки Фити, кој потсети на деновите кога во 1967 година беше донесена одлуката за формирање на МАНУ, развојот на МАНУ во овој период, предизвиците со кои се соочува Академијата, како и плановите за наредниот период.
Во својата поздравна реч Фити предочи дека за развојот на академиите во регионот посебно е значајна директната соработка на академиите на планот на заедничката проектна активност, изработка на стратегии од значење за регионот и издавачката дејност на академиите.
Свои обраќања имаа и присутните на академиите од странство кои јасно и недвосмислено ја потврдија улогата на МАНУ во регионот и заедничкиот придонес во развојот на науката и уметностите.
Со одлука на Претседателството на МАНУ беа доделени три посебни признанија – Медал со ликот на основачот и првиот претседател на МАНУ Блаже Конески, беа доделени плакети и благодарници на истакнати институции, организации и компании со кои соработува МАНУ, на универзитетите од Република Македонија, Македонското научно друштво – Битола, Општина Охрид и други институции и организации.
На настанот присуствуваа министрите за образование и наука и за култура, Рената Дескоска и Роберт Алаѓозевски, како и првите луѓе на верските заедници во Македонија.
Свеченостите по повод полувековниот јубилеј на МАНУ продолжуваат вечер со свечена академија која ќе се одржи во Македонската опера и балет и каде што е најавено пригодни обраќања да имаат претседателот на МАНУ академик Таки Фити и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.